Доброволно помогнато умирање

Доброволно помогнато умирање во Нов Јужен Велс

Овие информации се за смрт и умирање. Тие се наменети за лица од културно и јазично различни заедници кои бараат информации за доброволното помогнато умирање. Информации на вашиот јазик се достапни на веб-страница на , а достапни се и преведувачи за да ви помогнат.

Доброволното помогнато умирање може да биде чувствителна тема за некои луѓе и нивните семејства. Можеби ќе сакате да разговарате со вашите најблиски и со луѓе од вашата заедница за да одлучите дали доброволното помогнато умирање е во согласност со вашите вредности и верувања и е вистинскиот избор за вас.

Last updated: 24 November 2023
Download

​Што е доброволно помогнато умирање?

Доброволно помогнато умирање значи дека некои лица може да побараат медицинска помош од доктор за да умрат.

Тоа не е за секого – треба да ги исполнувате условите и не секој кој ги исполнува условите ќе го избере. Вие земате или ви се дава лекарство кое ја предизвикува вашата смрт во време и место по ваш избор.

Лекарството може да ви го даде само доктор кој има одобрение и кој поминал специјална обука.

Кој може да има пристап до доброволно помогнато умирање?

Ако сакате да изберете доброволно помогнато умирање, вие мора:

  • Да сте на возраст од 18 години или постари. Деца на возраст од 17 години и помлади немаат право
  • Да сте австралиски државјанин или постојан жител на Австралија, или да сте живееле во Австралија најмалку три години по ред
  • Да сте живееле во Нов Јужен Велс најмалку 12 месеци
  • Да имате болест која ќе ја предизвика вашата смрт за помалку од 6 месеци или во рок од 12 месеци ако имате невродегенеративна болест (клетките во вашиот централен нервен систем престануваат да работат или умираат)
  • Да имате болест која предизвикува многу болка. Оваа болка може да биде физичка, психичка, социјална или емоционална. Вашиот доктор ќе разговара со вас за да го разбере нивото на вашата болка и да ви ги објасни достапните опции што ќе ви помогнат да ја контролирате
  • Да бидете способни да донесувате и да ги комуницирате сопствените одлуки во текот на целата постапка
  • Да сакате да користите помош за доброволно помогнато умирање. „Доброволно“ значи дека тоа мора да биде по ваш избор.

Ментална болест или попреченост сами по себе не се прифатлива причина. Меѓутоа, ако ги исполнувате сите горенаведени услови и имате попреченост или ментална болест (и што е важно, мора да бидете способни да донесувате и да ги комуницирате сопствените одлуки), можете да користите помош за доброволно помогнато умирање.

Како можете да пристапите до доброволно помогнато умирање?

Во Нов Јужен Велс постојат законски чекори кои треба да ги следите. За повеќето чекори, можете да се движите низ постапката со свое темпо.

Започнете со тоа што ќе го прашате вашиот доктор за доброволното помогнато умирање. За повеќето луѓе, тоа ќе биде доктор од тимот што ве лекува и кој се грижи за здравствената нега за вашата болест.

Само некои доктори во Нов Јужен Велс можат да понудат доброволно помогнато умирање. Можете да ја контактирате NSW Voluntary Assisted Dying Care Navigator Service (Служба за информации и помош за доброволно помогнато умирање во Нов Јужен Велс) (детали подолу) ако вашиот доктор ви каже дека не практикува доброволно помогнато умирање. Службата за информации и помош може да ви помогне да најдете доктор и да одговори на вашите прашања.

Ако ви треба помош околу јазикот, можете да се јавите на Службата за писмено и усно преведување (TIS National) на 131 450 и да побарате да ве поврзат со NSW Voluntary Assisted Dying Care Navigator Service на 1300 802 133.

Улогата на семејството, пријателите и негувателите

Некои лица може да изберат да донесат одлуки во врска со смртта и умирањето заедно како семејство.

Можеби ќе сакате да ги имате овие разговори со вашите најблиски ако мислите дека сакате да изберете доброволно помогнато умирање.

Ова е важно ако некој обично ви помага да донесувате одлуки во врска со вашето здравје или разговара со доктор во ваше име.

Вашите најблиски можат да бидат со вас кога разговарате со вашиот доктор за доброволно помогнато умирање, но постојат неколку важни законски правила:

  • Само вие можете да побарате медицинска помош за да умрете
  • Никој друг не може да бара доброволно помогнато умирање за вас
  • Никој не може да ве принуди да побарате доброволно помогнато умирање.

Законот предвидува дека мора да се следат чекорите и заштитните мерки. Со ова се осигурува дека нема да бидете под притисок од друго лице да изберете доброволно помогнато умирање. Со ова исто така се гарантира дека тоа е ваш избор.

На некои луѓе во вашето семејство може да им биде тешко да ја разберат вашата одлука да побарате медицинска помош за да умрете. Тие можеби нема да се согласат со вас. Сепак, тие не можат да ве спречат да пристапите до доброволно помогнато умирање ако сакате и ги исполнувате сите услови.

Луѓето може да имаат различни мислења. Важно е да разговарате со некој кому му верувате.

Други работи што треба да ги знаете

  • Можете да ја прекинете или паузирате постапката на доброволно помогнато умирање во секој момент. Нема потреба да давате причина за тоа
  • Дури и ако лекарството ви е препишано или дадено, вие не мора да го земате
  • Може да поминат денови, недели или месеци пред да ја донесете конечната одлука да го земете или да ви се даде лекарството и тоа е во ред
  • Можете да го земете лекарството дома со вашите најблиски. Вашите најблиски исто така може да бидат со вас ако треба да го земете лекарството на друго место, на пример, во болница или старечки дом. Не можете да го земете лекарството надвор од Нов Јужен Велс
  • Вашиот доктор и/или аптекар за доброволно помогнато умирање ќе ви дадат повеќе информации за лекарството, вклучително како тоа се чува. Постојат правила како тоа треба да се чува безбедно
  • Докторите имаат обврска да ја заштитат вашата приватност и вашето право на доверливост. Ова ги вклучува сите дискусии што ги имате со вашиот доктор за доброволно помогнато умирање. Вашиот доктор не може да разговара за вашата одлука со вашето семејство, пријатели или негуватели, освен ако кажете дека може да го направи тоа
  • Програма за помош околу трошоци за патување и сместување на пациенти од внатрешноста нуди финансиска помош околу трошоци за патување и сместување и е достапна ако живеете во регионална или оддалечена област во Нов Јужен Велс
  • Доброволното помогнато умирање се разликува од самоубиство. Барање медицинска помош за умирање не е самоубиство според законот во Нов Јужен Велс
  • Доброволното помогнато умирање нема да биде наведено како причина за смртта во вашето уверение за смрт.

Нега при крај на животот

Вие и вашиот доктор ќе работите заедно за да разговарате за вашите потреби, надежи и желби за вашата нега во иднина. Ова вклучува да знаете каков избор имате на крајот од вашиот живот.

Здравствениот систем на Нов Јужен Велс ќе се грижи за вас што и да изберете.

Ако изберете доброволно помогнато умирање, сепак ќе можете да користите друга нега што можеби ќе ви треба, вклучително и палијативна нега.

Дознајте повеќе за палијативната нега: Палијативна нега

Служба за информации и помош за доброволно помогнато умирање во Нов Јужен Велс

Службата е достапна за поддршка на сите, вклучувајќи ги пациентите и семејствата.

Таа може да ви даде одговори на прашања во врска со доброволното помогнато умирање и, доколку е потребно, да ви помогне да најдете доктор. Таа е достапна во сите чекори на постапката.

За да разговарате со персоналот за поддршка од Службата за информации и помош:

Јавете се на: 1300 802 133 од понеделник до петок, од 8:30 наутро до 4:30 попладне (со исклучок на државни празници)

Имејл: NSLHD-VADCareNavigator@health.nsw.gov.au

Потребен ми е преведувач за да пристапам до доброволно помогнато умирање. Што треба да направам?

Можете да користите преведувач за да ја започнете постапката за пристап до доброволно помогнато умирање, ако претпочитате да зборувате на јазик различен од англискиот.

Ако ви треба преведувач, кажете му на вашиот доктор. Вашиот доктор може да го организира тоа. Тоа е бесплатно.

Само одредени лица со специјална обука можат да бидат ваши преведувачи за доброволно помогнато умирање.

Ваш преведувач не може да биде член на семејството, пријател, негувател или лице за контакт. Ова е поради законот во Нов Јужен Велс.

Поддршка за ментално здравје

Може да биде тешко и тажно да се зборува за смрт и доброволно помогнато умирање. Ако ви е потребна поддршка, јавете се на овие бесплатни служби:

  • Transcultural Mental Health Line (Транскултурна телефонска линија за ментално здравје) на 1800 648 911 – отворена е од понеделник до петок меѓу 9 наутро и 4.30 попладне. Разговарајте со доктори-специјалисти за клиничко лекување кои ја разбираат вашата култура и можат да комуницираат на вашиот јазик
  • Lifeline на 13 11 14 – отворена е 24 часа за поддршка по телефон при криза
  • Beyond Blue на 1300 22 4636 – отворена е 24 часа за поддршка по телефон при криза
  • Mental Health Line (Телефонска линија за ментално здравје) на 1800 011 511 – отворена е 24 часа за да ве поврзе со службите за ментално здравје на NSW Health.

Повеќе информации

Current as at: Friday 24 November 2023