23 April 2024

​Луѓето ширум Нов Јужен Велс се поттикнуваат да се заштитат од сериозна болест со тоа што ќе закажат вакцинација против инфлуенца пред да почне годинашната сезона на грип.

Најновиот извештај за следењето на респираторни состојби покажува дека кај повеќе од 4.700 лица во Нов Јужен Велс е дијагностицирана инфлуенца во изминатите четири недели, што е зголемување од 16 проценти во споредба со лани. 

Болниците во Нов Јужен Велс примија 480 пациенти со знаци на инфлуенца меѓу 6 јануари до 14 април 2024 година. Во истиот период лани имаше 284 случаи.

Владата на Нов Јужен Велс ги поттикнува луѓето да закажат вакцинација против инфлуенца кај нивниот семеен доктор (GP) или во локалната аптека пред почетокот на зимата.

Лицата за кои се смета дека се изложени на поголем ризик од тешка болест предизвикана од инфлуенца имаат право на бесплатна вакцина против грип. Во приоритетните групи спаѓаат:

  • Деца на возраст од 6 месеци до пет години
  • Возрасни на 65 години и постари
  • Абориџини на 6 месеци и постари
  • Бремени жени

Лица со сериозни здравствени состојби како што се дијабетес, рак, нарушен имунитет, дебелина, тешка форма на астма и на болести на бубрезите, срцето, белите дробови или црниот дроб (џигерот).

NSW Health исто така препорачува примање на бустер доза против КОВИД-19 истовремено со вакцината против грип.

Во најновото соопштение на Австралиската техничка советодавна група за имунизација (The Australian Technical Advisory Group on Immunisation) во врска со вакцината против КОВИД-19, се препорачува:

  • Вакцинација против КОВИД-19 секои шест месеци на лица на 75 години и постари,
  • Вакцинација против КОВИД-19 секои 12 месеци на лица на 65 до 74 години, и на лица на 18 до 64 години со сериозно нарушен имунитет; овие лица може да размислат за вакцинација секои шест месеци,
  • За вакцинација против КОВИД-19 секои 12 месеци може да размислат сите други лица на возраст од 18 до 64 години, како и тие на возраст од 5 до 18 години, кои имаат сериозно нарушен имунитет.

Чекори што помагаат да се заштитиме себеси и нашите блиски од КОВИД-19 и грип вклучуваат:

  • Навремено примете ги вакцините против инфлуенца и КОВИД-19.
  • Останете дома ако сте настинати или имате симптоми на грип, и носете маска ако треба да излезете од дома.
  • Собирајте се на отворено или во добро проветрени затворени простории.
  • Разговарајте со вашиот доктор ако сте изложени на поголем ризик од тешка болест предизвикана од КОВИД-19 или инфлуенца, за да планирате што да правите ако се разболите, вклучително кои тестови да направите, и заради дискусија дали ги исполнувате условите за антивирусни лекови.
  • Не посетувајте луѓе изложени на поголем ризик од тешка болест ако имате симптоми на настинка или грип, или сте имале позитивен тест за КОВИД-19 или инфлуенца.
  • Размислете да направите брз антигенски тест пред да посетите некој ваш близок со кревко здравје, особено кога нивото на пренесување на КОВИД-19 во заедницата е умерено или високо.

Повеќе информации за вакцините против инфлуенца и за бустер дозите против КОВИД-19 може да се најдат на веб-страницата на Владата на Нов Јужен Велс.

Изјави на премиерот Крис Минс:

“Инфлуенцата е многу заразна и може да биде опасна по живот, особено за ранливите групи како што се малите деца, бремените жени, постарите луѓе и лицата кои имаат хронични медицински состојби.

“Вакцинацијата против грип е најдобриот начин да се заштитите себеси и пошироката заедница.“

Изјави на министерот за здравство Рајан Парк:

“Инфлуенцата почна да се шири во некои делови на Австралија и се очекува наскоро да почне да се шири и низ Нов Јужен Велс. Затоа е многу важно да се вакцинирате, за да се заштитите себеси и другите, бидејќи не сакате да завршите во болница или да ги доведете во ризик ранливите членови на заедницата.

“Се препорачува секој на возраст од шест месеци и постар да прими вакцина против грип што е достапна во клиниките по општа пракса (GP) за секоја старосна група, како и во аптеките за сите на возраст од пет години и постари.“

Изјави на Главниот здравствен службеник Др Кери Чант:

“Лани забележавме зголемен број на мали деца во одделите за итна интервенција (ED), од кои некои беа примени во одделите за интензивна нега со компликации опасни по живот предизвикани од грип. Не сакаме тоа да се повтори годинава, па затоа ги потсетуваме семејствата уште сега да закажат бесплатно вакцинирање на нивните деца помлади од 5 години.

“Многу брз и лесен процес е да закажете кај вашиот локален доктор или аптекар, кои исто така можат истовремено да дадат и вакцина против КОВИД-19, ако е препорачано. Овој едноставен потег може да помогне вие и вашето семејство да останете здрави оваа зима.“